Велес го одбележа Денот на пожарникарството
По повод 20-ти Мај, Денот на пожарникарството на Република Македонија, во кругот на ТППЕ Велес денес се одржи свечена смотра на ваработените во ТППЕ. На свеченоста беше презентирана опремата што ја поседува единицата. Претходно припадниците на ТППЕ со расположивиот возен парк и опрема направија дефиле низ улиците на Велес, а волонтерите на ДПД „Видра“ на три локации во градот поделија информативни флаери за заштита од пожари во стамбените објекти.
На свеченоста присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев кој во своето обраќање истакна дека се чувствува особено горд на велешките пожарникари, на нивната инвентивност и се поголемо присуство меѓу граѓаните.
„Вашите едукации по станбените објекти, по училиштата, во детската градинка едноставно го сменија односот на граѓаните кон противпожарната служба. За кратко време успеавте да влеете сигурност меѓу граѓаните и респект кон Вашата професија. Дефилето што денес се изведе по улиците на Велес е уште една потврда дека оваа малубројна храбра екипа е во служба на народот.” – истакна претседателот Колев.
На крајот од манфиестацијата беа доделени сертификатите на вработените во ТППЕ, а на установите и поединците кои придонесуваат во развојот на пожарникарството во општината им беа доделени благодарници за докажаната соработка.