Празнична прослава по повод „Светите Кирил и Методиј“

Денес во Општина Велес во пресрет на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, се одржа празнична прослава на која беа наградени најдобрите просветни работници.

 

Најдобар наставник во одделенска настава за 2014 година е Виолета Јорданова, вработена во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, Велес. За добитник на наградата Најдобар наставник во предметна беше прогласена Даниела Димовска, вработена во ООУ „Блаже Конески“ како наставник по англиски јазик, додека за најдобар наставник во средно образование беше избрана Маја Талевска Панова, вработена во ОСУ „Јовче Тесличков“ како наставник по економски стручни предмети.

Во чест на празнувањето на просветителството, пригодно обраќање имаше членот на Советот во Општина Велес Петре Саздов, кој од името на градоначалникот Славчо Чадиев и од името на локалната самоуправа на присутните им го честиташе Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и Денот на просветните работници а на наградените наставници им ги врачи ги врачи признанијата.

„Просветителскиот дух што ги водел браќата низ Моравската мисија, во историјата го врежа почетокот на интелектуалната преродба на словенските народи, како нивен печат пред светот. Сите Вие што денес го носите со себе жезолот на знаењето што ни го оставија светите браќа Кирил и Методиј, сте најважната алка во континуитетот на опстојувањето на македонскиот јазик и култура.” – истакна во својот говор советникот Саздов.

Свеченоста беше закитена со преубав букет од младост, букет од носии, ора и песни што го подарија Фолклорниот ансамбл „Керамичар“ и нивните гостите од Босна и Херцеговина – КУД „Сехара“ од Бихаќ.