Градоначалникот Чадиев свика итен состанок поради невремето
По обилните врнежи на дожд и силен ветер попладнево го зафатија подрачјето на Велес, градоначалникот Славчо Чадиев вечерва на итен состанок ги свика одговрните лица на сите надлежни институции, за утврдување на приоритетите за расчистување градските сообраќајници и за санирање на штетите од невремето. Општина Велес, во соработка со ЈКП Дервен, ТТПЕ, СВР Велес, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и другите надлежни институции веднаш по невремето почнаа да дејствува на терен.
Ангажирана беше целокупната механизација која е на располагање на ЈКП Дервен и на Противпожарната единица. Екипите интервенираа на сите критични места и ги санираа штетите.
До надлежните институции беа пријавени случаи на паѓање на дрвја, поплавени индивидуални куќи, дуќани и подрумски простории, прекин на напојувањето со електрична енергија на одредени делови од градот и други предизвикани штети. Најкритично беше во населбата Поток, каде што беше надојдена голема количина на вода и земја.
Градоначалникот Општина Велес, Славчо Чадиев вечерва и во текот на утрешниот ден ќе продолжи да ги следи и да ги координира надлежните институции во пресрет на евентуални временски неприлики со единствена цел за навремено дејствување и отстранување на последиците.