Учениците од Новогард во посета на Општина Велес
Четири години ССОУ „Коле Неделковски“ е збратимено со сродно училиште од полскиот град Новогард. Оваа соработка со учениците од збратимениот град на Општина Велес е пример за начинот на кој преку размена на искуства од образовниот процес се градат трајни пријателства меѓу учениците. 18 ученика од Новогард оваа недела претстојуваат во Велес. Домаќините им ги покажаа убавините на родниот Велес и неговите знаменитости.
Денес младите полски „амбасадори“ ја посетија и Општина Велес и се сретнаа со градоначалникот Славчо Чадиев. Задоволството што го искажаа учениците од Полска и ССОУ „Коле Неделковски“ беше доказ дека оваа соработка ќе трае и ќе се негува со секоја нова генерација ученици.
На средбата градоначалникот Чадиев истакна е особено задоволен што токму учениците и нивните наставници од Велес и Новогард се заслужни што и на општинско ниво се градат цврсти пријателски односи, без оглед на далечината во километри.
„Убеден сум дека Вашите домаќини ќе дадат се од себе за да си заминете од Велес со спомени што ќе Ве натераат повторно да го посетите нашиот град. Вие, младоста на нашите општини се најголемата гаранција дека братството на Велес и Новогард има долга, плодна иднина.” – напомена градоначалникот.
Инаку ова пријателство се должи најмногу на упорноста и желбата на нашиот сограѓанин Зоран Балов. Тој има две родни места, два дома – еден во Велес и еден во Новогард. Почувствувал дека менталитетот на граѓаните, човечноста, потребите и желбите се исти и токму во тој правец е создадена оваа трајна братска врска.