„Езерки“ и оркестарот „7/8“ одржаа концерт за паметење
Вечерва, во Младинскиот парк Општина Велес во рамките на 51-те Рацинови средби организираше концерт на еден од најдобрите балкански етно состави – вокалната група „Езерки“ и оркестарот „7/8“. Со прекрасната изведба на македонската изворна музика и староградските песни „Езерки“ ја освоија велешката публика. Звукот на виолината и тапаните, прекрасната изведба на „Сербез Донка“, „Елено ќерко Елено“ и голем број други познати македонски рефрени прозвучеа во Младинскиот парк со специфична динамика во изведбата на хрватските уметници. Вокалниот етносостав „Езерки“ и оркестарот „7/8“ работат во рамките на Хрватско-македонското друштво во Република Хрватска. Вокалната група е основана во 1995 година, а оркестарот во 2000-та. Групата во чиј состав има Македонци што живеат во Хрватска ја негува македонската изворна музика и досега има издадено повеќе албуми меѓу кои „Бакнеж“ , „Спектакл“ и „Мустра“.