Младите –носители на соработката Велес –Шербур
Во рамките на Програмата за децентрализирана соработка Македонија- Долна Нормандија од 17 до 20 јуни годинава, во Велес престојува делегација од збратимениот град Шербур Октевиљ. Делегацијата предводена од Барзин Бониади, член на Советот на Шербур одговорен за млади оствари средба со претставници на Советот на Општина Велес, директорите и професорите по француски јазик од четирите средни училишта во Велес. Како што беше речено на средбата, целта на француската делегација во чиј состав има три професорки од гиманизјата во Шербур е да ја зајакнат билатералната соработка помеѓу двата града преку соработката на училиштата. Во име на Општина Велес, гостите од Франција ги поздрави Петре Саздов, координатор на советничка група во Советот на Општина Велес. „Нашите 4 средни училишта и гимназијата „Алексис де Токвил“ од Шербур од денес ќе работат на заеднички програми во областа на литературата, биотехнологијата, економијата и менаџментот, металопроизводството и други области. Младите генерации на Велес ќе имаат можност со своите соученици во Франција да разменуваат идеи, знаења, вештини и што е најважно од се да создадат трајни пријателства. Денес создаваме иднина во која Велес и Шербур заеднички ќе можат да создаваат и да аплицираат многу нови проекти. Ви посакувам успешна работа во подготовката на доаѓањето на 40 ученици и петмина професори во септември, во Велес“, рече Саздов. Барзин Бонјади, ја најави возвратната посета на 40 ученици од Велес во Шербур, планирана за 2015 година. „ Задоволство ми е што, во април 2014 година ќе им бидеме домаќини на учениците и професорите од Велес. Улогата на младите е суштинска за зајакнување на билатералната соработка и јас како советник одговорен за млади ќе се посветам во целост на реализацијата на овој значаен проект“, рече Бониади. Освен работата на наставните предмети, учениците од двете збратимени општини заеднички ќе посетуваат компании во Велес и Шербур и ќе имаат можност на лице место да се запознаат со практичната работа и менаџментот во македонските и француските компании. Во рамките на престојот во Велес, делегацијата ќе оствари работни средби со директорите и професорите на четирите средни училишта во Велес.