ВЕЛЕС И ОВА ЛЕТО ЌЕ БИДЕ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА „ТОПОЛ КУЛТУРЕН БРАН”
Општина Велес од самиот почеток го поддржува проектот на Министерството за култура „Топол културен бран“ чија цел е доближување на културните вредности од сите нивоа до граѓаните во општините, во случајов, до граѓаните на Велес. Од овие причини и во Програмата за култура на општината има резервирано средства за овој проект.
Во Велес проектот Топол културен бран стартува на 22-ри јули, во вторник, со концерт на групата „Монистра“ или како алтернатива Оркестарот и пеачката група „Пеце Атанасовски“. Ова ќе го знаеме за неколку дена. Во секој случај се работи за етно музика. До 30 јули ќе се одржи уште и концерт на популарна музика и промоција на книга од велешки автор како и концертот што е проект на Зоран Џорлев и Сузана Спасовска насловен како „Виолина и глас“ (29.07.) што за прв пат беше изведен во новиот театар во Скопје во март годинава.
Вториот дел од проектот ќе стартува на 24 август (недела) со концерт на Тамбурашкиот оркестар „Здравко Ќосиќ“ – Бања Лука. Покрај стандардните концерти и промоции на велешки автори, Проектот ќе го затвориме со концерт насловен како „Апасионато“ во изведба на Пламенка Трајковска квартет.
Ова значи дека и годинава се придржуваме на балансирана културна понуда од локални, национални и странски уметници од различни жанрови.
Благодарност до Министерството за култура што и годинава помогна граѓаните на Велес да имаат убави мигови и богато културно лето. Влезот на сите настани е бесплатен без оглед дали се одржуваат на отворен простор или во објектите на општината.
Со ова не се исцрпува културно-забавниот живот на велешани на отворено. Се додека дозволуваат временските услови, а се надеваме дека тоа ќе биде до одржувањето на Питијадата (3.10.2014) секоја сабота навечер кога нема предвидено културен настан ќе дадеме логистичка поддршка на сите млади уметници од Велес што сакаат да одржат концерт да го сторат тоа во Младинскиот парк. Локалната самоуправа за таа цел ќе обезбеди озвучување и осветлување.