Градоначалникот Чадиев ги посети етно-работилниците

Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, денес ги посети куќите на уметноста каде што се одвиваат етно-работилници во кои се учи грнчарскиот, столарскиот и ткајачкиот занает. Вредните раце на триесетина ученика од основните училишта во градот, поделени во три групи ги запознаваат тајните на овие занаети во куќата на Рацин, Главинов и Касапови.

 

При посетата градоначалникот истака дека најбитно од се е што овие наши заеднички заложби ја постигнаа поставената цел - да се развие љубовта кон етно-наследството кај најмладите, кај учениците и да не се дозволи вештините за изработка на етно предмети да исчезнат заедно со генерациите родени во минатиот век.

„Желбата да се научат старите занаети е доволна за Општина Велес да продолжи да го стимулира ова здружение на граѓани да ја негува традицијата и да ја чува од заборав” – напомена градоначалникот Чадиев.

Инаку овој проект четврта година по ред го реализира ГО „Разбој“, а е дел од Програмата за култура на Општина Велес за 2014 година. Инструктори на работилниците се занаетчии, мајстори на овие стари занаети, а целта на проектот е да се пренесат овие занаети на изумирање на младите со талент и желба за ракотворење.

Проектот трае 10 дена, а учесниците ќе добијат дипломи за учество. Дипломите ќе им бидат врачени на 24.06.2014 година (вторник) кога воедно и ЗГ „Разбој“ ќе го обележи и своето 10 годишно постоење.