УТРЕШНИТЕ НАСТАНИ ЌЕ БИДАТ ИСТОРИСКИ МИГОВИ ЗА НАШИОТ ГРАД
Општина Велес сериозно и одговорно пристапува кон реализирање на проектите и активностите зацртани во Програмите за работа на општината и дадени како ветувања во предизборната кампања. Затоа Велес наликува на големо градилиште. Се гради инфраструктура, се разубавува градот, но се градат и големи капитални објекти на кои граѓаните на Велес чекаа со децении.
Такви големи капитални објекти се новата театарска зграда и Градскиот стадион. Театарот е изграден со средства обезбедени од Владата на Република Македонија, додека стадионот беше реконструиран со поддршка од УЕФА преку ФФМ и Општина Велес. И двата утре свечено ќе бидат предадени во употреба. Од не помала важност за граѓаните на Велес е и паркот пред училиштето „Васил Главинов“, единствена зелена оаза во најгусто населениот дел на Велес.
Во ова обраќање до граѓаните на Велес сакам да ги информирам дека утре, на 26 јуни 2014 година сите овие значајни инфраструктурни објекти ќе бидат предадени во употреба, ќе им бидат предадени на граѓаните за кои се изградени.
На свеченостите очекуваме да присуствува премиерот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и ресорните министри.
Ги поканувам граѓаните на Велес утре во 11:00 часот на Градскиот стадион, во 11:40 во паркот кај училиштето „Васил Главинов“ и во 12:00 часот пред новата театарска зграда да бидат дел од овие историски мигови за нашиот град.
Славчо Чадиев,
Градоначалник на Општина Велес