Гемиџиите на новото време по 16-ти пат запловија по Вардар
Следејќи ја традицијата на Гемиџиите и велешките трговци, учесниците на 16-та Вардарска регата „Гемиџии“ рано утрово тргнаа кон Гевгелија. Пред тоа сите учесници им оддадоа почит на Гемиџиите пред нивниот споменик на брегот на Вардар. Годинава караванот на Вардарската регата се организира по повод 111 години од солунските атентати. Регатата ја сочинуваат околу 100 лица кои ќе пловат по водите на Вардар се до Гевгелија каде биде означен и крајот. Свечениот чин на запловување го означи градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев кој симболично во водите на реката Вардар фрли венец и им посака мирни води за пловидба на велешките гемиџии.
„Нашата Гемија, вистинската гемија е цврсто врзана за револуционерите што трајно ја обележија македонската борба за слобода и самобитност , нашите Гемиџии. Во симболот на гемијата што стои пред нас е акумулирана интелектуалната борба на Гемиџиите и борбата на војводите и комитите кои ги поставија темелите на слободна Македонија. Офицерчето, Андреја Димов, Јован Алабакот со пушка и синовите на трговците и чорбаџиите чии гемии со стока пловеа за Солун - Орце Поп-Јорданов, Илија Трчков, Милан Арсов и нивните другари со динамитни акции. Во нивна чест и во знак на почит денес ќе заплови Вардарската регата – за младоста отстапена за идејата, идеалите и сонот што е наше јаве”. – истакна градоначалникот Чадиев.
На манифестацијата присуствуваа и свештени лица од Повардарската Епархија, претставници од повеќе велешки организации, АРМ и СВР-Велес. Синоќа пак низ централното градско подрачје беше организирано дефиле на новата изработена гемијата, по што во Младинскиот парк велешкиот театар Ј.Х.К. Џинот ја одигра претставата „Бетија”.