Велес доби нов театар, парк и современ фудбалски терен

Општина Велес сериозно и одговорно пристапува кон реализирање на проектите и активностите зацртани во Програмите за работа на општината. Затоа Велес наликува на големо градилиште. Се гради инфраструктура, се разубавува градот, но се градат и големи капитални објекти на кои граѓаните на Велес чекаа со децении. Такви големи капитални објекти се новата театарска зграда и Градскиот стадион. Театарот е изграден со средства обезбедени од Владата на Република Македонија, додека стадионот беше реконструиран со поддршка од УЕФА преку ФФМ и Општина Велес. Од не помала важност за граѓаните на Велес е и паркот пред училиштето „Васил Главинов“, единствена зелена оаза во најгусто населениот дел на Велес.

 

Во таа насока денес во присуство на премиерот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, министри од ресорните министерства, пратеници во македонското собрание, градоначалникот Славчо Чадиев, претседателот и членовите на Советот, претставници на МПЦ-ОА, како и останати гости свечено беа предадени во употреба новите капитални објекти.

Велес со право ќе го запамети денешниот ден како историски значаен за понатамошниот општествен развој на градот. Општина Велес и во наредниот период во соработка со Владата на Република Македонија бескомпромисно ќе работи на нови проекти со единствена цел граѓаните на Велес да добијат нови инфраструктурни објекти, нови спортски терени, стопански објекти што ќе го подобрат квалитетот на животот.

Општина Велес и градоначалникот Славчо Чадиев уште еднаш изразуваат целосна благодарност до сите оние што се вградија себе си во реконструкцијата и изградбата на сите објекти кои во наредниот период ќе го разубавуваат Велес.