Прес конференција - 11-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“
Почитувани сограѓани, денешната прес конференција ја свикавме по повод почетокот на 11-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“. Чест ми е и задоволство за пошироката јавност да ја претставам програмата на фестивалот. Годинава можам слободно да кажам дека Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ ја има најбогатата програма во своето единаесетгодишно постоење. Од 01 до 05 јули годинава ќе учествуваат вкупно 18 ансамбли од 10 земји: Македонија, Србија, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Русија, Турција, Италија и Израел ќе го создадат сплетот на фолклорното богатство на народите овде, во центарот на Велес.
На сцената во Младинскиот парк ќе имаме можност да уживаме во настапот на фолклорните ансамбли од странство:
КУД ,,Петар Кочиќ“ - Србија
Фолклорниот група ДКД „Свобода-Сеново“ - Словенија
АНПИ „Граовска Младост“ - Бугарија
ФА ,,Георге Доја“ - Романија
ФАТП ,,Истебна“ - Полска
Козачки ансамбл ,,Волнаја Станица“- Русија
Кореографски ансамбл ,,Варењка“ - Русија
ФТГ ,,Армелит“ - Турција
ФГ ,,Сан Џорџо Усини“ - Италија
ФГ ,,Хора Ашкелон“ - Израел
Годинешното издание на фестивалот ќе го збогатат македонските ансамбли:
Ансамблот „Керамичар“ –Велес
Ансамблот „Распеани пензионери“-Велес
Ансамблот „Распеани велешани“- Велес
КУД ,,Карпош,, - Крива Паланка
КУД ,,Вера Јоциќ,, - Македонска Каменица
КУД „Коле Неделковски“- Велес
НУ Ансамбл за народни песни и ора на Македонија ,,Танец“ - Скопје
Фолклорниот ансамбл „Вила Зора“-Велес и
Младински Клуб на Мажоретки - Скопје
Фестивалот ќе започне традиционално со дефиле на учесниците низ улиците на Велес во вторник (01 јули) 2014 година, во 19:30 часот.
Веднаш потоа, во 20:30 часот, на сцената во амфитеатарот во Младинскиот парк свечено ќе биде отворено единаесеттото издание на фестивалот со учество на ансамбли од Македонија, Словенија, Турција, Италија, Романија, Србија и Полска.
Петте фестивалски вечери ќе се одржат во периодот од 01 до 05 јули во амфитеатарот во Младинскиот парк или во случај на лоши временски услови, во спортската сала „Гемиџии“.
И годинава обезбедивме сместување за учесниците од странство во Ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ каде ќе имаат можност за заедничко дружење и продлабочување на соработката.
Искрено верувам дека со оваа програма ќе успееме уште еднаш да го привлечеме вниманието на граѓаните кои во пет летни вечери ќе можат да уживаат во ората и танците на фолклорните ансамбли.
Им благодарам на членовите на Организациониот одбор кои изминатиов период несебично се вложија во подготовките на фестивалот, им благодарам на Градоначалникот и Советот на општината, на сите поединци, организации и компании што се вградија себе си во оваа препознатлива манифестација за градот и државата. Сите тие не задолжија уште повеќе да работиме на создавање на вистински меѓународен културен бренд.
Ја користам оваа прилика, во името на Општина Велес и Организациониот одбор на фестивалот да ги поканам сите граѓани на Велес во овие летни ноќи да уживаат во раскошот на носиите и музиката што може да ги понуди само богатата фолклорна ризница на народите.
Ви благодарам,
Томе Јаневски
Претседател на ОО на ИФФ - Велес