11-ти Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2014“
Вечерва на амфитеатарот во Младинскиот парк започна 11-тиот Интернационален фоклорен фестивал „Велес 2014”. Традиционално, на свеченото отворање му претходеше дефиле на учесниците низ улиците на Велес преплетувајќи ги боите на Македонија, Русија, Словенија, Турција, Италија, Романија, Србија, Полска, Израел и Бугарија.
11-тото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал го отвори градоначалникот Славчо Чадиев кој во своето обраќање истакна дека фолклорната плетенка што годинава ја сочинуваат 10 странски и исто толку домашни фолклорни ансамбли уште еднаш сведочи дека најубав јазик за разбирање е играта и песната, традицијата и обичаите.
„Следниве 5 дена Велес и околните општини ќе живеат во ритамот на фестивалот. Ќе се остварат договори за нови меѓусебни посети, ќе се разменуваат искуства. Велес уште еднаш ќе потврди дека е град на мостови но овој пат на мостови на пријателството што обединуваат и градат трајни врски меѓу народите. Тоа ја оправдува и нашата гордост и среќа што сме домаќини на најголемите амбасадори во светот.”. – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.
Присутните во амфитеатарот во Младинскиот парк ги поздрави и Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор на фестивалот. Тој истакна дека Велес единаесетти пат се радува, игра и пее заедно со своите гости.
„Велес и оваа година на светот му покажува дека врските создадени со игра и песна се најсилни и најтрајни”. – истакна г-динот Јаневски.
На првата фестивалска вечер настапија КУД „Коле Неделковски“ од Велес, ФГДКД „Свобода-Сеново” од Словенија, ФТГ „Армелит“ од Турција, ФГ „Сан Џорџо Усини“ од Италија, ФА „Георге Доја“ од Романија, КУД „Петар Кочиќ” од Србија и ФАТП „Истебна“ од Полска.
Следните 4 дена Велес и околните општини ќе продолжат да живеат во ритамот на фестивалот.