Соработка со збратимениот град Слобозија
Во периодот од 01-05 јули годинава, во Македонија престојува делегација од Слобозија, збратимениот град на Велес од Република Романија. Делегацијата предводена од Валентин Бакану, заменик-градоначалник на Слобозија оствари средба со градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев. Покрај задоволството од успешно реализираните проекти, на средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на соработката особено на планот на подготовката на заеднички проекти за фондовите на Европската унија. На средбата, градоначалникот Чадиев рече дека Слобозија е голем пријател на Велес и дека очекува досегашната успешна културна соработка да се интензивира и да се прошири во други области од взаемен интерес. Делегацијата од Слобозија присуствуваше на отворањето на 11-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ а имаше можност да се запознае со културно-историските споменици во Велес, Чашка, Крушево и Охрид. Тимовите од администрацијата на двете општини ја искористија средбата да ги разгледаат можностите за проширување на културната соработка на планот на туризмот, економијата, трговијата и спортот.