Затворено 11-тото издание на ИФФ „Велес“
Со ора, песни и раскошни носии од 8 земји учеснички, на 5-ти јули годинава, во Младинскиот парк свечено беше затворено 11-тото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“. Пред преполниот амфитеатар во Младинскиот парк уште еднаш за љубителите на фолклорот настапија фолклорните ансамбли „Истебна” од Полска, „Граовска Младост” од Бугарија, „Свобода-Сеново” од Словенија, „Георге Доја” од Романија, „Сан Џорџо Усини” од Италија, „Армелит” од Турција, „Волнаја Станица” и „Варењка” oд Русија. Како претставник на Република Македонија и домаќините на фестивалот настапи велешкиот ансамбл „Вила Зора“.
На свеченото затворање на фестивалот претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев и претседателот на Организациониот одбор Томе Јаневски на учесниците им доделија диплома за учество и статуетка со симболот на фестивалот. Претседателот Колев упати јавна благодарност до гостите од странство и сите ансамбли учесници од Македонија кои придонесоа за незаборавните моменти за публиката.
И завршната фестивалска вечер велешани ја проследија масовно и со воодушевување од изведбата на ансамблите учесници. Фестивалот уште еднаш потврди дека прерасна во една од најзначајните културни манифестации од овој вид во Македонија. ИФФ „Велес“ 2014 се реализираше со средства од буџетот на општината, министерството за култура, како и со поддршка од голем број приватни компании. Како што најавија од Организациониот одбор, по сумирањето на сите впечатоци ќе започнат активностите за организирање на следното, 12-то издание на фестивалот.