Градоначалникот Чадиев во посета на велешката тројка
Јосиф, Јоаким и Дамјан се имињата на трите сина што минатиот месец ги доби брачниот пар Наташа и Јордан Ѓаковски. Денес во нивниот дом ги посети градоначалникот Славчо Чадиев. Од името на граѓаните на Велес и од свое име тој на младите сограѓани им подари детски играчки и 30.000 денари. Истовремено им посака долг живот исполнет со многу радост и среќни моменти.
„Сакам на родителите да им честитам, да им посакам среќни денови исполнети со овие три прекрасни деца, кои треба да им бидат уште поголем поттик во понатамошниот живот. Задоволство ми е што децата се во добра состојба. Овие денови кога во Велес се случуваат низа убави работи, ова беше уште една случка која беше врв на сите пријатни доживувања. На многу места низ чаршијата со радост се зборува за овој настан.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Дека е огромно задоволството да се има три сина, истакна и таткото Јордан. Негова желба е во иднина да добијат и ќерка. „Задоволството е огромно. Ова е наша прва рожба. На градоначалникот, но и самиот себеси си ветив дека четрвтото дете ќе биде ќерка.” – рече среќниот татко.
Овој 13 јуни семејството Ѓаковски ќе го памети засекогаш. Тогаш е роденденот на малите Јосиф, Јоаким и Дамјан кои при денешната посета мирно спиеја.