СУМИРАНИ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД АКЦИЈАТА ЗА ПОМОШ НА СРБИЈА И БИХ

Денес во просториите на Општина Велес се одржа заедничка пресконференција на која говореа градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на ОО на Црвениот крст од Велес, д-р Милчо Трајков. Повод за тоа беше потребата од запознавање на граѓаните на Велес за резултатите од акцијата за помош на поплавеното население во Србија и Босна и Херцеговина.  Ваквата акција претставува уште еден тест за тоа како заеднички треба да функционираат Црвениот крст и Општина Велес на дело.

 

Од страна на градоначалникот Чадиев беше истакната благодарност до сите чинители што придонесоа денес гордо да се зборува за немилите настани што ги погодија нашите најблиски соседи.

„Успешните проекти се поттик за уште поголема соработка во наредниот период, како и проширување на соработката во областа на подготовка и одговор при елементарни непогоди и катастрофи, развој на граѓанскиот сектор, организирање и реализирање на настани и конференции и други активности кои ќе произлезат од секојдневното живеење.” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.

Инаку Општина Велес и Општинската организација на Црвениот крст имаат потпишано Меморандум за соработка и во тие рамки веќе имаат реализирано заеднички проекти од областа на социјалната помош и грижата за стари лица.

Претседателот на Црвениот крст, д-р Трајков до градоначалникот упати благодарност за искажаната соработка, за неговата помош во организацијата на поголем број активности и средба со локалната бизнис заедница.

Беше упатена и благодарност до бизнис секторот од градот, кој безрезервно ја поддржа акцијата за собирање на солидарна помош, локалните установи кои учествуваа со собирни акции, но и со човечки потенцијал и дежурни екипи за складирање на донираната помош, активистите на Црвениот крст и Клубот на млади, медиумите кои ја следеа акцијата и постојано ја информираа јавноста.

„Дозволете ми да упатам и голема благодарност до сите граѓани на Општина Велес, кои несебично даруваа десетина дена се она што мислеа дека е потребно за настраданите.” – напомена претседателот на ОО на Црвен крст Велес, д-р Милчо Трајков.

Како резултат на сите активности за помош на настраданите од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина од Општинската организација на Црвениот крст од Велес испратени се:

• 11.500 литри вода;
• 700 килограми храна;
• 560 килограми хигиенски средства;
• 55 килограми бебешка храна;
• 185 литри млеко;
• 38 пакувања памперси за деца;

Или вкупно во денарска вредност: 577.750 денари

Покрај ова собрани се и 2.300 килограми облека, 170 пара обувки, кебиња, чаршафи, јамболии и слично, кои се доставени во македонскиот Црвен крст.

Во овие бројки не е ставена паричната помош која се донираше преку отворените телефонски линии, директно на жиро сметката за хуманитарна помош, како и помошта на ДТПУ „Жито“, градежното претпријатие „Делта пром“, Јавното препријатие „Парк спорт“ и други приватни фирми кои непосредно помогнаа околу собирањето и транспортирањето на донираната помош.

Покрај акцијата на целокупното раководство на Општинската организација на Црвениот крст, градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев и дел од општинската администрација, на терен беа и 35 членови на Клубот на млади на Црвениот крст, членови на Фондацијата Фокус и 21 претставник од јавните претпријатија и локални установи кои имаа вкупно 183 ангажмани во кои се потрошени вкупно 978 часови волонтерска работа.

Велешани како и многупати досега и овој пат успешно го положија тестот. Општина Велес и ОО на Црвениот крст од Велес уште еднаш упатуваат огромна благодарност до нашите сограѓани што направија да се чувствуваме горди на нашата земја, на нашиот град. Се надеваме дека и понатаму Велес ќе ја негува хуманоста како наша најголема доблест.