Одбележани 201 години од раѓањето на Андреја Дамјанов
Денес во Велес беа одбележани 201 години од раѓањето на најпознатиот македонски градител Андреја Дамјанов. Чествувањето, што го организираа Општина Велес, се одржа во соборниот храм „Св. Вмч. Пантелејмон“ – едно од најпознатите дела на Андреја Дамјанов. На неговото вечно почивалиште свежо цвеќе положија делегации на локалната самоуправа, институции, здруженија на граѓани и други почитувачи на ликот и делото на Дамјанов, додека свештенството од Македонската православна црква – Епархија Повардарска одржна панихида за покој на душата на градителот.
Андреја Дамјанов е роден во 1813 година во село Папрадиште, велешко, во семејство на познати мијачки градители. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот. Неговата градителска умешност била забележана и во Европа, особено од патеписците кои Андреја го споменуваат како вреден и ценет мајстор и градител - уметник Неговите цркви се сметаат за бисери на сакралната архитектура на Балканот. При изградбата на црквите Дамјанов особено внимавал на акустиката во ентериерот на црквата. Црквата посветена на Св. Пантејелмон, светецот заштитник на Велес се одликува со токму таква акустика што светот ја препознава по изразот „Македонска миланска скала“.
Покрај овој монумент Дамјанов ги изградил и црквата во манастирот “Св. Јоким Осоговски“ кај Крива Паланка, црквите „Св. Богородица“ во Ново Село, штипско и „Св. Архангел Михаил“ во Чичево. Во Србија ги изградил црквите „Св. Илија“ во Печењевац, „Св. Ѓорги“ во Смедерево, соборната црква во Ниш како и соборната црква во Сарaево и ја завршил градбата на црквата во Мостар.