Организиран дочек на 2007 година

 
„Врз основа на позитивните искуства од минатата година и годинава решивме на граѓаните да им овозможиме организиран дочек на Новата 2007 година“, најави градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на средба со новинарите. Коцевски информираше дека годинава велешани и посетителите од другите градови во Македонија ќе имаат можност највеселата ноќ да ја поминат со дружење и забава во Младинскиот парк со пригодна новогодишна програма во чии рамки ќе настапат групата „Супер Хикс“, фолк пеачката Маријана Мишева и дувачкиот оркестар Агушеви. Граѓаните ќе имаат можност највеселиот момент во годината да го дочекаат со огномет, а за помладите 30 минути по полноќ атмосферата ќе ја вжешти ди-џеј.
 
Градоначалникот Аце Коцевски упати отворена покана до граѓаните новогодишната ноќ да ја поминат заедно, со добра забава во Младинскиот парк. Воедно тој упати апел до граѓаните да се воздржат од фрлање петарди и други пиротехнички материјали со цел новогодишната ноќ да ја поминеме како што доликува, пред се со добра забава и дружење.
 
Како што Коцевски објави на прес конференцијата, годинава Општина Велес за организираниот дочек ќе потроши 550.000 денари, сума идентична со минатогодишната.