Седница на Локалниот совет за превенција од детско престапништво
Вчера во просториите на Општина Велес се одржа 6 седница на Локалниот совет за превенција од детско престапништво. Како единствена точка на дневниот ред беше усвојување на предлог акционен план за 2014 год. Односно периодот јули-декември, за реализирање на годишната програма на ЛСПДП која е усвоена од страна на советот на Општина Велес.
Овој совет, преку своето работење треба да придонесе кон намалување и спречување на општествено неприфатлив облик на однесување кај децата и превентивно делување заради зголемениот пораст на деца со вакво поведение кои докажаа дека дека детската деликвенција е општествен проблем. Целта е исто така и заштита на децата од криминал, насилство и било каков облик на загрозување на нивните права и слободи.
Детектирањето на клучните ризични фактори кои придонесуваат децата да се инволвираат во социјално девијантно или инкриминирачко однесување ќе овозможи осмислување и имплементирање на социјални акции и ефективни мерки, чиј импакт ќе значи промена кон подобрување на општата состојба на детското престапништво на територијата на Општина Велес.
Моделот на локални совети за превенција може да даде исклучителни резултати затоа што во локалната заедница можат многу добро да се препознаат локалните проблеми, да се планираат и спроведат соодветни активности за нивно решавање и идни превенирање. Заради тоа, потребно е превземање на итни мерки и активности од локалните заедници кои треба да помогнат во изградбата на добри односи меѓу децата, со што би се зајакнала нивната заемна доверба и би се превенирале сите општествено неприфатливи облици на однесување кај децата.
Инаку, овој совет кој е формиран на 29.05.2012 со одлука на Советот на Општина Велес брои вкупно 20 членови, а за негов претседател е избрана Нада Трајкова, вработена како социјален работник во ЦСР Велес и член на СОВ. Во составот на Општинскиот совет за превенција од детско престапништо се 3 члена од Советот на Општина Велес, лица од сите институции кои работат со деца. Поточно во ова тело се вклучени претставници од сите основни и средни училишта, од СВР Велес – одделение за превенција, од Основен Суд Велес и јавното обвинителство, од Центарот за социјална работа и Детската градинка, како и претставници од општинската администрација.