63 години од смртта на учителот

Денес, Општина Велес во соработка со Општинската организација на борци од НОВ одбележаа 63 години од смртта на народниот учител, Панко Брашнаров – илинденецот од двата Илиндена, затвореникот од сите режими, непоколебливиот правдољубец и борец за Македонија. Во негова чест пред споменикот се поклонија делегации од Општина Велес, АРМ, ОО на СЗБ од НОВ, преставници на институциите од градот, здруженија на граѓани и политички партии. По положувањето на букети цвеќе, пригодно обраќање за животот и револуционерниот пат на Панко Брашнаров одржа историчарот Слободан Ников.

Тој потсети дека Брашнаров е еден од најголемите македонски револуционери, учител, идеолог и прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година и бил учесник од Илинден до балканските и двете светски војни. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава тој бил приведен како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото. Прогласен е за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951.