Во с. Црквино се гради водоснабдителен систем

Со цел да се подобри водоснабдувањето на селото Црквино каде живеат околу 360 жители, а со тоа да се создадат и услови за подобрување на животниот стандард, започна изградбата нов водовод со кој ќе носи вода до секоја куќа. На самиот почеток на градежните работи, присутен беше и градоначалникот Славчо Чадиев кој изрази задоволство што конечно ќе се надмине проблемот со водоснабдувањето во ова велешко село.

 

Инаку според конфигурацијата на теренот потребно е во текот на градежните работи водоснабдувањето да се подели на две водоснабдителни линии за двете зони – за висока и ниска зона. Во високата зона ќе се постави цевковод во должина од 360 метри, додека во ниската зона должината на цевководот изнесува 790 метри.

Финансиската рамка на проектот изнесува околу 6.500.000 денари. Овие средства се обезбедени од Договорот за заем по проектот “Водоснабдување и одведување на отпадни води“, склучен помеѓу Република Македонија и Европската инвестициона банка. Истиот се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски и општините.