Општините од Вардарскиот регион пример за меѓуопштинска соработка

Вчера во просториите на ЦЕНЕТ - Центарот за едукација и вмрежување во туризмот во Демир Капија, на Центарот за развој на Вардарски плански регион му беше доделена наградата во износ од 15.000 $, за воспоставување на најдобра практика на меѓуопштинска соработка од страна на Министерство за локална самоуправа. Воспоставената меѓуопштинска соработка се однесува на проектот “Мрежа за инклузивен расзвој на Вардарски плански регион” поддржан од Програмата за развој на Обединетите Нации- УНДП.

Формирањето на Мрежата е заедничка иницијатива на Центарот за развој на Вардарски плански регион, 8 општини, ограноците на стопанските комори и здруженијата на граѓани од регионот. Мисијата на Мрежата е да се засили кординацијата на програмирањето на мерките и активностите за подршка на јавниот, приватниот и невладиниот сектор во создавањето на услови за развој на силна и конкурентна економија на ВПР, економија која ќе понуди поголеми можности за вработување и истовремено ќе ги постигне социјалните и еколошките стандарди.

На овој настан присуствуваа Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани и неговиот заменик Љупчо Пренџов, вршителот на должноста Постојан претставник на УНДП Алесандро Фракасети, Претседателот на Советот за развој на ВПР Славчо Чадиев, градоначалниците на општините од ВПР, државниот секретар на МЛС Билјана Ц. Гугоска, членовите на мрежата за инклузивен развој на ВПР, претставници од Министерството за локална сампуправа, претставници од УНДП и други гости.

Голема благодарност до Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на ОН- УНДП изрази Претседателот на советот за развој на ВПР Славчо Чадиев, кој истакна дека оваа практика претставува пример за успешно спроведена меѓуопштинска соработка што ќе се реплицира и во останатите плански региони во Република Македонија и се надева на уште многу заеднички заложби во времето што допрва доаѓа и уште многу заеднички активности во интерес на регионалната заедница.

Посебно задоволство за успешната соработка со Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на ОН - УНДП изрази Раководителот на Центарот за развој на ВПР Марко Колев, кој истакна дека во рамки на реализацијата на проектот „Мрежа за инклузивен развој на Вардарски плански регион” се завршени голем дел од проектните активности. Во рамки на Програмата за работа на Мрежа за инклузивен развој на Вардарски плански регион 2014 -2016 во која се состојат вкупно 26 колективни акции, две колективни акции целосно се имплементирани, а за уште 4 други Центарот изнајде средства за нивна реализација.

Средствата од доделената награда во висина од 15.000 $ ќе бидат искористени за имплементација на проект: „Креирање интернет портал за МСП - мали и средни претпријатија на ниво на ВПР и публикување на e - Водич за инвеститори” а кој што е дел од Програмата за работа на Мрежата за инклузивен развој 2014-2016 г. Овој проект е со регионално значење а бенефит ќе имаат сите 9 општини од Вадраски плански регион.