Граѓанско учество во урбанистичкото планирање
Со поддршка од УСАИД, Општина Велес стана првата општина во Македонија која ги примени одредбите на Уставот за граѓанското учество во урбанистичкото планирање. Во рамките на обемниот проект за децентрализација на УСАИД кој се спроведува во Општина Велес, експертот за урбанистичко планирање професор Корадо Минервини, во период од три недели раководеше со активноста за идентификација на стратегиите за урбанистичко планирање за подрачјето на Којник.
Активностите ги реализираше партиципативно тело во кое покрај претставниците од општинската администрација одговорни за областа на урбанизмот учествуваа претставници на НВО секторот, бизнис секторот и архитекти од Велес. Во рамките на проектот беше реализирана анкета на примерок од 400 испитаници со прашања поврзани со квалитетот и кванитетот на урбанистичките планови. Од обемното истражување произлегоа конкретни заклучоци и насоки за унапредување на урбанистичкото планирање.
Резултатите од проектот ќе бидат објавени во Извештај кој во иднина ќе претставува значаен водич во областа на урбанистичкото планирање.