НА 22 ЈУЛИ СТАРТУВА „ТОПЛИОТ КУЛТУРЕН БРАН”

Граѓаните на Велес и ова лето ќе уживаат во програмата што Општина Велес во соработка со Министерството за култура ја подготвија во рамките на проектот „Топол културен бран“.

На 22 јули (вторник) во 20:30 часот во Младинскиот парк настапува оркестарот на Пеце Атанасовски во придружба на женска пеачка група. Оркестарот е составен од традиционални музички инструменти – гајда, кавал, тапани и др. и продуцира етно обработки на македонска народна музика.

Истата вечер, веднаш по завршувањето на концертот на Ансамблот на Пеце Атанасовски, околу 22:00 часот ќе имаме ретка прилика да уживаме во балканска музика во изведба на ансамблот „Аксак“ од Република Франција. Станува збор за 15 музичари од различни делови на Франција кои се на патување по Балканските земји. Ја истражуваат и ја презентираат музиката на балканските народи.

На 26 јули во Ликовниот салон ќе се одржи промоцијата на поемата „Џез“ на Александар Сашко Кукулев во придружба на џез оркестар. Промотор ќе биде претседателот на светската академија за науки и уметности кој е и рецензент на оваа несекојдневна уметничка литература.

 

Првиот дел од проектот завршува на 30 јули, со концерт во чест на Илинден со Квартетот „Македонска душа”.

Состав од веќе познати реномирани уметници:

- Зоран Џорлев (виолина и тамбура)
- Бајса Арифовска (кавал, ут, виолина и клавијатура)
- Ратко Даутовски (перкусии)
- Наско Џорлев (гитара и тамбура)

На репертоарот се песни обликувани пред во духот на традиционалната македонска музика која изобилува со специфичности, шареноликост во бои, ритмика и мелодичност.