„Македонска душа“ со концерт во чест на Илинден

Првиот дел од проектот „Топол културен бран заврши синоќа на 30 јули, со концерт во чест на Илинден на Квартетот МАКЕДОНСКА ДУША - состав од веќе познати реномирани уметници - Зоран Џорлев (виолина и тамбура), Бајса Арифовска (кавал, ут, виолина и клавијатура) Ратко Даутовски (перкусии) и Наско Џорлев (гитара и тамбура).На репертоарот беа мелодии обликувани пред се во духот на традиционалната македонска музика со изобилство сспецифичности, шареноликост, ритмика и мелодичност.

 

Силниот дожд што му претходеше на концертот не ги спречи ниту уметниците ниту публиката да уживаат во прекрасните звуци изнедрени од „Македонската душа“. Пред почетокот на концертот на граѓаните им беше пренесена пораката од Градоначалникот Славчо Чадиев по повот претстојниот двоен национален празник Илинден што ја објавуваме во целост. „На два дена пред најголемиот национален празник Илинден заедно сме низ звуците на македонската песна да покажеме дека Македонија е вечна, дека илинденци сме сите што го носиме во душата македонското име, дека достојно на големите синова на оваа земја ќе го вееме знамето на непокорот и слободата.

Наша цел е секој нов празник да го дочекаме во поубав Велес достоен за имињата на Гемиџиите, Панко Брашнар, Тодор Христов Офицерчето, Андреа Димов Докурчев, Јован Алабакот и сите илинденски комити. Наша задача е нивните поколенија чувајќи го споменот на историјата да се стремат Велес да расте во сите сфери на своето живеење.

Илинденската приказна ја раскажуваме 111 пат. И тогаш кога зборуваме за Асномскиот јубилеј што годинава обележува 70 години и тогаш кога зборуваме за 8-ми Септември, борбата останува. Само оружјето со кое ние се бориме е науката, стопанството, економијата и цврстата волја и посветена работа.

На тој пат не води мудроста и достоинство за страниците од историјата што ние ги пишуваме да бидат гордост за некои нови генерации Македонци.

Да живее Илиден 1903 и Илинден 1944
Да живее Велес,
Да живее Република Македонија“