ОБЕЛЕЖАН ДВОЈНИОТ ИЛИНДЕН

Илинден е белегот што секој Македонец го носи во себе од раѓање. Илинден е симболот за непокорот и вековната борбата што ја води Македонија во целата историска низа од своето 3 милениумско постоење. На 111 годишнината од Илинденското востание 903-та и 70 годишнината од Првото заседание на АСНОМ велешани се поклонија пред двата најзначајни монумента во градот – Спомен-костурницата и Споменикот на велешките илинденци со порака -Илинден значи достоиство, значи саможтва, Илинден значи борба, значи слобода. Илинден значи јазик, сила, единство, моќ, идеали и иднина. Илинден значи Македонија.

 

На Спомен-костурницата беше прочитана Прокламацијата до македонскиот народ упатена на Првото заседание на АСНОМ одржано 1944 година во манастирот Прохор Пчински во која, меѓу другото, стои:
„Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денеска првото народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигна“.
Бидејќи најсилната врска меѓу двата илиндена е народниот училител, човекот што го хранел народот со леб и мудрост, воинот, маченикот и идеологот со апостолска мисија – Панко Брашнар, наместо историски факти, наместо говор за националниот празник, го објавуваме обраќањето на Најстариот делегат на отворањето на Првото заседание на АСНОМ, на велешанецот Панко Брашнар.

„Драги другари, народни претставители,Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден - Илинден, кога објавувам дека е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.
Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба старите илинденци - на Гоце Делчев и на денешните илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи- слободна, обединета Македонија.
Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!
Другари народни претставници,јас сум жив сведок на два Илиндена- 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја за Крушевската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта за слобода, борбата го дарува со слободна Крушевска република. Но, разјарениот башибузук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаа оазисот на слободна Македонија-Крушевската Република, го задушија востанието и го стегнаа искрвавениот народ во ново ропство.
Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво- фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба. Тој во неа виде можност да ја помогне општата борба, на сите поробени народи и на целото слободољубиво човештво и да го оствари својот вековен национален идеал.
И ете, како резултат на тригодишните крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна, со крв и со борба, да дојде до нова братска, демократска и федеративна Југославија. Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава, во која што нашиот народ ќе се обедини и ќе заживее онаков среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби.“