Велес го слави делото на заштитникот Св. Вмч. Пантелејмон
Со Празнична вечерна богослужба на свештениците од Повардарската епархија на МПЦ-ОА, а во очи на големиот ден, започна чествувањето на празникот на Велес. Храмот на патронот Св. Вмч Пантелејмон беше претесен да ги прими сите верници што дојдоа да присуствуваат на овој свечен чин.
Откако се изврши поклон пред иконата на светителот a Градскиот црковен хор настапи со изведба на две прекрасни композиции, свое обраќање имаше градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев кој на присутните сограѓани им го честита претстојниот празник посветен на Светиот Великомаченик Пантелејмон, чувар на здравјето и спокојот на велешани.
„Се поклонуваме на својот патрон, му искажуваме благодарност и почит и дури по завршувањето на чествувањето стануваме свесни дека патронот и денес како и секогаш во минатото ни ја прави најголемата услуга – не собира заедно, не упатува едни кон други, ги одржува живи нашите средби, нашите контакти, нашите пријателства.” – истакна во своето обраќање градоначалникот Чадиев.
На свеченоста, од името на Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, празничното слово го произнесе секретарот на Повардарската епархија, протоѓакон Влатко Стоименов.
„Од многу содржајниот живот на Пантелејмон, покрај многу корисните примери, денес ние современите христијани, би требало да извлечеме поука пред се, од неговото воспитување додека тој бил уште дете. Денес се обрнува големо внимание на образованието на умот, а занемарено е образованието и воспитанието на срцето. Поради тоа често гледаме непокорни деца, непослушни синови и ќерки, развратни и недоверливи граѓани. Денес и покрај нашето високо образование, покажуваме симптоми на полуписменост, некреативност во работата, себичност и злонамерност кон својот ближен. Ако и понатаму продолжиме со небрежност да гледаме кон воспитанието на нашите деца, тогаш сите слоеви на општеството се изложуваат на големи ризици, со широки можности за несреќна иднина на идните генерации“, - рече секретарот на Повардарската епархија Стоименов.
За уметничкиот дел на програмата на присутните граѓани им беа прикажани пет приказни што го оживеаја Велес од 19-тиот и 20-тиот век. Приказните ги пронајде и ги обработи велешкиот хроничар Љупчо Данов, а актерката Весна Димитрова – Бобевски со одбраната актерска група им ги приближија на велешани.
Одбележувањето ќе заврши утре со Света божествена литургија на свештениците од Повардарската епархија.
Инаку за велешани овој храм има посебно значење, според пишаните документи во минатото кога во Велес царувала чумата и други болести неговите жители подигнувајќи му го храмот побарале од светецот Пантелејмон да ги заштити од сите зла. Тој тоа и го сторил а велешани во знак на благодарност светецот Пантелејмон го слават сите овие години но оставаат и аманет на помладите да ја почитуваат и продолжат традицијата на чествување.