ВО НЕДЕЛА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРВИОТ ВЕЛЕШКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН 2014
Оваа година за прв пат во водите на Езеро Младост ќе се одржи Пливачки маратон на кој ќе бидат запазени сите пропозиции за одржување на манифестација од ваков вид.
По тој повод денес на пресконференција во Општина Велес беа образолежни сите детали за претстојниот настан.
Од страна на градоначалникот Славчо Чадиев беше истакнато дека локалната самоуправа дава максимална поддршка на развојот на спортот и тоа во сите спортски дисциплини, паралелно стимулирајќи го развојот на поединечните и колективните спортови.
-„Тоа што Пливачкиот маратон се одржува на Езерото Младост оди во прилог на промовирање на оваа локација во туристичко-рекреативна дестинација за вљубениците во сите спортови на вода но и за рекреативците и љубителите на природата”. – рече градоначалникот Чадиев.
Маратонот е во организација на Агенцијата за млади и спорт и ЈП „Јасен“. Нивни организациски партнер и носител на активностите за Општина Велес е ОО на Црвен крст Велес и Кајак кану клубот „Бабуна” од Велес, а Пливачката федерација на Македонија и Општина Велес се покровители на оваа спортска манифестација.
Учесници на натпреварувањето се пливачи од Република Македонија, организирани во клубови или надвор од нив. Пријавувањето на кандидатите се вршеше до денес, а досега има заинтересирани околу 50-тина натпреварувачи, меѓу кои и врвни имиња во долгометражно пливање.
„Безбедноста е најважна затоа се решивме патеката да биде добро покриена. 55 спасители од Црвениот крст и 20 кајакари на клубот „Бабуна” ќе бидат распределени во гумени чамци и кајаци во езерото на дестинација од неколку стотина метри. Ќе има и моторни чамци за брза реакција”. – рече Иле Попов, претставник од ОО Црвен крст од Велес – Безбедност на вода.
Пливањето на првиот велешки пливачки маратон ќе биде по претходно обележана патека, која овие денови интензивно се подготвува.
-„Маратонот започнува во 10.00 часот со првиот круг кој изнесува 2,5 километри. Потоа од 11 часот следува трката која е во должина од 5 километри и олимписката дисциплина од 10 километри во машка и женска конкуренција”. – рече Роберт Папазов од Кајак кану клубот „Бабуна” од Велес.
Идејата за маратонско пливање во Велес е присутна подолг период, но конечно се реализаше годинава. Пред еден месец на езерото се одржа и пробниот маратон, кој на организаторите им даде дополнителен мотив за одржување на официјална трка.
„Идејата во Велес да има маратонско или долгометражно пливање е од поодамна. Пред повеќе години прв пат на градскиот базен се одржа трка на 2500 метри. Ќе кажам дека победник беше Ване Рибарски, но таа предизвика големо внимание кај граѓаните и затоа решивме да направиме нешто еден чекор понапред од тоа”. – истакна професорот Петре Петрушевски, еден од организаторите на трката.
Општина Велес ќе стори се овој велешки маратон да стане традиционален. За следната година во Програмата за спорт на општината ќе биде издвоен како посебна спортска манифестација со свој буџет. Ова ќе го зголеми интересот на учесниците и на јавноста, но и ќе ја потврди нашата сериозност во намерата да вложиме во пливањето како спорт исто толку енергија и средства колку и за развојот на другите спортови.