Патот кој го поврзува Велес со источна Македонија добива нов лик
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на Велес, Штип и Лозово, денеска направија увид на текот и динамиката на градежните работи кои што се реализираат на државниот патен правец А3 од Велес до Штип, на потегот од Велес до Лозово.
Станува збор за еден мошне крупен проект, кој претставува барање и потреба на самите граѓани. Вкупната должина на овој пат изнесува 24.3 километри. Проектот е финансиран со средства од ЕБОР во висина од 15 милиони евра. Едниот дел е веќе завршен во текот на изминатиот период.
Во моментов се работи на втората фаза од реконструкцијата која предвидува проширување на делницата од Велешката депонија до Лозово во должина од околу 9 километри. Патниот правец ќе добие нова трета лента и од сегашните 6.4 метри, истиот ќе се прошири на 11.1 метри. Средствата за овој дел од проектот се во висина од околу 6.4 милиони евра.
-Овој патен правец е ветување во програмата на Владата, но исто така и барање и потреба од граѓаните. Оваа делница е стара над 50 години, а по завршување на градежните работи ќе се овозможи побезбеден и помодерен сообраќај, истакна Јанакиески.
Целта на оваа реконструкција како што беше кажано е првенствено подигнување на нивото на безбедност, на граѓаните и сите оние кои транзитираат во овој дел да им се обезбеди побезбедно, модерно и комфорно патување.
Делниците се издигаат до ниво на експресен пат со две ленти за возење и две за бавно возење, со нова сигнализација и максимална прегледност при возењето. Директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека рокот за изградба на оваа делница е 18 месеци, а работите започнати се во мај годинава.
- „За оваа година можеме да им ветиме на граѓаните дека до крајот на годинава ќе биде поставен првиот носечки слој на асфалтот, а финалниот во наредната година согласно програмата на Владата и на Министерството за транспорт и врски.” - потенцира Георгиевски.
Со овој зафат и со останатите кои се случуваат во регионот, источниот дел од државата дефинитивно ќе добие нов лик во патната инфраструктура. Многуте реконструкции и изградби на нови патишта се дел од напорите за подобрување на животот на граѓаните а со тоа и воопшто подобрување на еконмската перспектива на Република Македонија.