Првиот велешки пливачки маратон ја доби својата завршница
Првиот велешки пливачки маратон ја доби својата завршница. 2.5, 5 и 10 километри беа трите дисциплини во кои силите ги одмерија 37 учесници.
Најдолгата трка во 10 километри прв ја заврши Евгениј Поп Ацев (ПК „Студент”), пливајќи 2 часа и 4 минути пред поставената цел. Втор во машка конкуренција на оваа категорија беше Александар Илиевски (ПК „Студент”), додека на трето место се пласираше Илија Стојановски (ПК „Бета”). Кај жените прва исплива натпреварувачката Елена Атанасова (ПК „Вардар“), а второпласирана беше Евита Насевска („ПК Бета“). Десетте километри тие ги испливаа за нешто повеќе од три часа.
Никола Василевски (ПК „Орион”) , Михаило Трпчевски (ПК „Орион”) и Марио Џуговски (ПК „Младост”) беа првите тројца маратонци кои ги испливаа петте километри. Во женска конкуреција најдобри беа Ева Барамачева (ПК „Младост”) и Искра Стојанова (ПК „Бета”).
На 2,5 километри прв беше Давор Петрески (ПК „Орион”), втор трката ја заврши Љупчо Домазетовски (ПК „Бета”), а на третото место се најде Калач Вивит (ПК „Бета”). Кај жените победи Марта Челиковска (ПК „Орион”), Јана Серафимовска (ПК „Орион”) беше втора, а трета заврши Бојана Стефановска (ПК „Бамбини”).
Првиот Пливачки велешки маратон беше организиран од страна на ОО Црвен крст Велес – Безбедност на вода и Кајак клубот „Бабуна” од Велес, а под покровителство на Општина Велес и Пливачката федерација на Република Македонија.
Тоа што маратонот се одржа на Езерото Младост дополнително е во прилог на промовирање на оваа локација во туристичко-рекреативна дестинација за вљубениците во сите спортови на вода но и за рекреативците и љубителите на природата.
Иако ова е прв маратон на Езерото Младост, Општина Велес ќе стори се тој да стане традиционален. За следната година во Програмата за спорт на општината ќе биде издвоен како посебна спортска манифестација со свој буџет. Ова ќе го зголеми интересот на учесниците и на јавноста, но и ќе ја потврди нашата сериозност во намерата да вложиме во пливањето како спорт исто толку енергија и средства колку и за развојот на другите спортови.