Велешанецот Тоше Велев се искачи на врвот Цумштајн
Дваесет годишниот велешанец Тоше Велев се искачи на врвот Цумштајн (4.564 метри) кој се наоѓа на Апенинските алпи на границата помеѓу Италија и Швајцарија.
Нашиот млад сограѓанин заедно со останатите колеги пред повеќе од десетина дена ја совладаа и оваа европска височина.
Значајно е за ова искачување е тоа што алпинистите при искачувањето, поради големите глечерски пукнатини кои се наоѓаат на планинските предели, ја користат техниката на одење во наврска.
Враќањето младите македонски алпинисти го искористија за совладување и на уште еден европски врв. 2.864 метри висина од највисокиот врв во Словенија Триглав беа искачени од неговата северна страна, карпа со околу 1.000 метри височина и 3.000 метри должина.
Велешанецот Тоше Велев иако е многу млад, може да се пофали дека досега ги има освоено врвовите Мон Блан (4.807 метри), Гран Парадизо (4.061 метри), Елбрус (5.642 метри) и многу други. Во наредниот период негова желба е знамињата на Република Македонија и Општина Велес да ги постави и на врвот на Хималаите.
Локалната самоуправа и во понатамошниот период ќе продолжи со давањето поддршка на сите млади луѓе, на сите ентузијасти, научници и спортисти што имаат потенцијал и амбиции да бидат успешни. Нивната промоција во светот во исто време е и промоција на Велес и Македонија.