НА 24-ТИ АВГУСТ ЗАПОЧНУВА ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА „ПАПРАДИШКИ МАЈСТОРИ”

Во спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов - Џинот и на Касапови, од 24-ти август па се до 3 септември ќе се одржи 10-тата по ред Ликовна Колонија "Папрадишки мајстори", која се организира во чест на големиот број папрадишки сликари, зографи и резбари. Денес на пресконференција, градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на ЗГ „Папрадишки мајстори” Ангел Коруновски ја најавија Колонијата, која годинава го слави својот 10-годишен јубилеј на постоење.

 

„Колонијата „Папрадишки мајстори” започна скромно, за денес да се вбројува во една од најпрестижните во Република Македонија што се гледа од интересот на уметниците од Македонија и странство за учество на Колонијата. Овој растеж и успех се должи пред се на домаќините на Колонијата, на г-динот Коруновски и членовите на Здружението „Папрадишки мајстори“.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.

И оваа година Колонијата „Папрадишки мајстори“ ќе ја реализира здружението „Папрадишки мајстори“. Со одлука на Советот на Општина Велес оваа културна манифестација трета година по ред се реализира по пат на делегирана надлежност. Искуството покажа дека овој начин на соработка покрај што ја потврдува и зацврснува довербата меѓу НВО секторот и општината, го подобрува квалитетот на колонијата.

„Оваа година на Колонијата учество ќе земат 17 уметници, но вратите за сите велешки уметници кои сакаат да дојдат и да се дружат со своите колеги се отворени. Куќите на Касапови и Јордан Хаџи-Константинов Џинот, повторно ќе бидат центарот на случувањата од јубилејната 10-та велешка колонија, која е во самиот врв во Република Македонија, рамо до рамо со кичевската, струмичката и ресенската.” – рече Ангел Коруновски, академски скулптор и претседател на ЗГ „Папрадишки мајстори”.

И оваа година Колонијата ќе се одржи во куќите на уметноста – Џинот и Касапови и ќе придонесе за промоција и афирмација на културното и архитектонско наследство на Велес. Колонијата се финансира од Буџетот на Општина Велес со 400.000 денари, со донации и спонзорства што ги обезбедуваат организаторите.