Во тек е реконструкцијата на зградата на поранешното Радио Велес
Центарот за развој на Вардарски плански регион од неодамна започна со реконстукција на Зградата на поранешно Радио Велес. Вкупниот буџетот на проектот е околу 900.000,00 денари од кои 600.000,00 денари ЦРВПР ги обезбеди од страна на донатор, Програма за развој на ОН – УНДП, а остатокот од средствата ќе бидат исплатени од редовната сметка на Центарот. Денес во посета на овие простории и во увид на градежните работи беа Градоначалникот на Општина Велес и Претседател на ВПР Славчо Чадиев и Раководителот на ЦРВПР Марко Колев.
„ Oпштина Велес ја отстапи на користење зградата на поранешно Радио Велес на Центарот за развој на ВПР по претходно донесена одлука од страна на Советот на Општина Велес. Објектот ќе се користи како седиште на Мрежата за инклузивен развој, кој проект е поддржан од УНДП. Исто така објектот ќе се користи и за редовното работење на Центрарот поради зголемените работни ангажмани како резултат на зголемениот број на проекти кои што се во имплементација, зголемениот број на вработени и потребата од дополнителен простор.” – рече градоначалникот Чадиев.
Реконструкцијата ќе се состои од изведување на електроинсталација, водоводна инсталација и градежни зафати. Градежните работи за приземјето од зградата ќе вклучува, малтерисување и глетовање на внатрешни ѕидови, поставување изолација, поставување на под и партерно уредување на двор, а фасадното уредување и вградување на ПВЦ прозори ќе биде изведено и за приземјето и за катот од зградата. Предвидениот рок за реконструкција на објектот е 75 дена, што се очекува да заврши во средината на месец октомври. За таа цел ќе биде организиран настан за официјално пуштање во употреба на овој објект и предавање на Мрежата за инклузивен развој на Вардарски плански регион како нејзино седиште.
Денешната посета градоначалниот ја искористи и да информира дека Центарот за развој на Вардарски плански регион во соработка со Програмата за развој на ОН – УНДП ќе реализира уште два проекти кои што се целосно финансирани од овој донатор, а тоа се: Создавање на електронски портал за млади на Веб страницата на Центарот за развој на ВПР со информации за облици на институционална поддршка и учество на младите лица во локалните процеси на управување како и спроведување на кампања за вработување на 5 нај-студенти од регионот во претпријатија од Вардарскиот регионот .За реализација на овие проекти се издвоени средства во висина од околку 200.000,00 денари, а реализацијата ќе отпочне на почетокот на месец септември
„Како претседател на Советот за развој на Вардарски регион лично ќе се залагам да продолжиме за пронаѓање на нови средства и изработка на поголем број на проекти.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Раководителот на ЦРВПР Марко Колев информира дека соработката со Програмата за развој на ОН продолжува и во полето на енергетската ефикасност, односно поддршка за Оделението за енергетска ефикасност кое има седиште во Општина Неготино со средства во висина од 270.000,00 денари за изработка на проект за од оваа област.
-„Доста значајно е да се напомене фактот дека во изминатиов период обезбедивме 15.000 долари за купување на опрема за следење на потрошувачката на електрична енергија. Во иднина нашата цел ќе биде да ги заштедиме финансиските средства од општините. Општините нема да ангажираат консултанска куќа за изработка на програми и акциони планови за енергетска ефикасност. Она што е нивна законска обврска на секои три години да ја следат и мерат потрошувачката на електрична енергија, тие нема да го прават, туку тоа ќе го прават овие лица во Општина Неготино. Нашите проценки се дека на овој начин со обезбедената опрема од сите општини во Вардарскиот плански регион би се заштедиле помеѓу 5 и 6 милиони денари.” – рече раководителот на ЦРВПР Колев.
Центарот за развој на Вардарски плански регион во иднина продолжува со реализирање на многу други проекти се со цел да ги подобри животните услови на граѓаните од регионот, а тоа ќе придонесе за развој на истиот.