Градоначалникот Чадиев во посета на збратимениот град Сомбор
Во збратимениот град Сомбор, Република Србија на 23 август се одржа традиционалната 18-та по ред манифестација „Сомборски котлиќ“. На овој карактеристичен војводински натпревар во подготовка на паприкаш од риба покрај високи гости и дипломатскиот кор од Република Србија, а на радост на бројното македонско население што живее во оваа мултинационална среднина, присуствуваше и делегација од Општина Велес предводена од Градоначалникот Славчо Чадиев. Посетата на Сомбор беше искористена за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови како на културен, така и на стопански план, со изработка на заеднички проекти што ќе бидат аплицирани пред меѓународната заедница. При посетата на Сомбор, Градоначалникот Чадиев оствари и средба со Амбасадорката на Австралија во Македонија, Н.Е. г-ѓа Џулија Фини, при што разменија и пригодни подароци. На средбата со Амбасадорката Фини стана збор и за локалната, културната и економската соработка, како и можностите за поголема промоција на Велес.