Училишното ѕвонче го означи почетокот на новата учебна година
Денес со првото училишно ѕвонче отпочна новата учебна 2014/15 година. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, во свое лично име, од име на Советот на Општина Велес и од името на сите граѓани на Велес, упати честитки за првиот училишен ден и на сите ученици им посака низа успеси во новата наставна година.
Оваа година според работната агенда, градоначалникот ги посети учениците од ООУ„Блаже Конески“, СОУ „Гимназија Кочо Рацин”. На најмалите, на првачињата градоначалникот Чадиев им порача дека од денес училиштето е нивниот втор дом.
„Од денес училиштето е Вашиот втор дом. Започнувате да чекорите по еден долг пат по кој ќе Ве водат наставниците и вработените во учелиштето. Ние сме тука тоа чекорење кон вистинските вредности да Ви го олесниме, да го направиме што позабавно и поудобно. Имате привилегија да учите во едно од најубавите училишта во Македонија во кое своето образование го стекнале врвни уметници, писатели, инженери, спортисти, лекари, научници. Тие нека бидат Вашиот мотив за постигнување што поголеми резултати во учењето. ” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Успешен почеток на новата учебна година, градоначалникот им посака и на учениците кои своето образование денес го продолжија во Гимназијата Кочо Рацин.
„Денес отворате ново поглавје од својот живот – доаѓате во нова средина, со нови професори, нов начин на учење и восприемање на знаење, поинаков начин на оценување. Влегувате како деца, а по 4 години од оваа зграда ќе излезете како вистински зрели личности – полнолетни рамноправни граѓани со другите, со право на одлучување, со право на сопствен избор и мислење. А за да чекорите по вистинските животни врвици ќе ви помогне времето поминато овде, на часевите и одморите, на забавите, екскурзиите, екстерните испити и натпреварите.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Инаку во овој објект од неодамна завршија сите градежни зафати за комплетна реконструкција и модернизација на училиштето преку проектот што го спроведе Министерството за образование и Владата на Република Македонија. Во таа насока беа и активностите на Општина Велес и СОУ „Гимназија Кочо Рацин” за подобрување на условите за работа на учениците и наставничкиот кадар. Од годинава во Гимназијата делува и спортската паралелка за ракомет и фудбал. Тоа значи дополнителен развој на талентот на учениците во нивните напори да се стигне до врвот, онаму каде што се наоѓаат најуспешните.
Општина Велес уште еднаш на сите ученици кои денес ја започнаа школската година им посакува успешен почеток на школувањето. Овие ученици нека бидат генерација која ќе донесе многу меѓународни и државни награди на училиштата, генерација со која ќе се гордеат родителите, училиштата и општината.