Заврши 10-тата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори”
Вечерва во Куќата на Касапови, свечено беше означен крајот на 10-тата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори”. По десетти пат куќите на Касапови и Џинот беа дом на големото семејство на сликари и свратилиште за сите намерници, љубители на уметноста. Вкупно 18 уметници од земјава и од странство, со нивните дела изработени во изминатите десетина дена ја дополнија уметничката ризница на Велес и станаа дел од плејадата творци трајно вградени во нашето културно милје.
На официјалното затворање на Колонијата, Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев и Претседателот на ЗГ „Папрадишки мајстори” Ангел Коруновски, на учесниците им врачија благодарници и пригодни подароци со кои градот и симболично ја изразува благодарноста за новосоздадените дела.
„Дека Колонијата не е само час по уметност, туку инспирација, место на создавање трајни вредности, хронолошка приказна што ја раскажуваат делата на уметниците, сведочат самите дела. На крајот уште еднаш Ви благодарам што 10 дена бевте дел од Велес и што ќе го промовирате нашиот град и нашата култура во Вашите средини. Во Велес вратите и срцата на велешани секогаш Ви се отворени. Дојдете, донесете ги Вашите пријатели, зошто еднаш во Велес, засекогаш велешанец.” – истакна Претседателот на Советот, Александар Колев.
Делата од десетата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори“ традиционално пред граѓаните на Велес ќе бидат претставени на изложба на 9-ти Ноември, Денот на Општина Велес.