Општинскиот Совет со план за намалување на детското престапништво
Во текот на вчерашниот ден во Општина Велес седница одржа Општинскиот Совет за превенција од детско престапништво. Претседателот на Советот, Нада Трајкова најнапред го извести Градоначалникот Славчо Чадиев за претходните активности, како и за активностите предвидени во Акциониот план за наредниот период. Во своето обраќање Градоначалникот напомена дека состанокот е инициран поради загрижувачките податоци изнесени во медиумите за бројот на прекршоци чии сторители се малолетници, како и поради информирање и директно запознавање со податоците со кои располага Советот за превенција од детско претстапништво и СВР – Велес.
Причините за ваквите бројки ги образложи Ненко Александров од СВР – Велес, кој доскоро беше член на Советот. Тој пред присутните објасни дека зголемувањето се однесува само на бројот на прекршочни постапки кои се должат на претходните акции на СВР. Една од тие акции беше и акцијата за носење кациги за корисниците на мопеди каде што службите покрај превентивно како што делуваа во неколку акции овојпат делуваа и репресивно. Ова е основната причина зошто е зголемен бројот на прекршочни постапки. Во делот на кривичните постапки нивниот број во споредба со 2012 година е намален за 18 %, што не значи дека полицијата во иднина нема да продолжи со своите проекти за нивно намалување во Општина Велес. Како предлог за следната заедничка акција на Советот за превенција и СВР – Велес за заедничка патрола, се иницираше набавка на детски униформи кои ќе придонесат за поголема веродостојност на акцијата.
Претседателот на Советот за превенција, го запозна Градоначалникот со претстојната акција за носење кацига, која ќе има превентивен карактер, и во која сообраќајната патрола при СВР – Велес и децата учесници во патролата ќе делат беџови на учесниците во сообраќајот а кои користат мопеди. Како следна активност ќе биде изготвување и делење на плакат за постоење и промоција на Општинскиот Совет за превенција од детско престапнишство.
Од присутните претставници на СВР беше побарано посебно внимание да се посвети на посетата на малолетниците на углостителските објеки во доцните вечерни часови и конзумирањето на алкохол. Во овој дел од страна на СВР – Велес беше кажано дека такви акции се вршат во континуитет, а на последната се повикани и сите сопственици на угостителски објекти кои прифатиле потполна соработка за реализација на овој проект.
Исто така на состанокот беше побарано во училиштата да се посвети поголемо внимание на работата со родителите бидејќи праксата во досегашниот период покажала дека децата сеуште најмногу им веруваат на своите родители и ефектите се далеку поголеми.
На крајот на состанокот Градоначалникот на членовите на Советот уште еднаш им ја изрази својата полна поддршка во работата и ја искажа спремноста за помош и соработка на локалната самоуправа секаде онаму каде што има потреба.