Потпишан договор за соработка со регионот Голењов од Р. Полска

Денес во Општина Велес беше потпишан договор за соработка помеѓу Вардарскиот плански регион и регионот Голењов од Република Полска. Договорот го потпишаа градоначалникот Славчо Чадиев во својство на Претседател Советот за развој на ВПР, г-динот Томаш Станиславски – Претседател на регионот Голењов и неговиот заменик г-динот Томаш Кулинич.

Со овој Договор за соработка, двата региони ја утврдија потребата од зајакнување и развивање на пријателски односи и промовирање на партнерства за заедничко разбирање и подобро меѓусебно запознавање меѓу двата народа.

Взаемната соработка ќе се остварува со вклучување на учесници од регионот Голењов и Вардарскиот плански регион во процесите на планирање и реализација на заеднички проекти во интерес на граѓаните на двата региони, меѓу кои: pазвивање на институционално партнерство засновано на принципот на реципроцитет во рамките на надлежностите; поттикнување на граѓанската свест за развојот на локална демократија, преку реализација на взаемни активности на здруженија на граѓани од двата региона; поддршка на програмите за размена на знаења и искуства на учесници од институциите, деловната заедница и граѓанскиот сектор; oхрабрување на меѓународната мобилност на младите во двата региони; заедничко спроведување на проекти за поддршка на локалната власт во следниве области: институционален развој, младински политики, локален економски развој, политики за заштита и вреднување на културното наследство, животна средина, вреднување на природните ресурси, pазвој на одржлив туризам, oбразование, cпорт, учество на граѓаните.

При потпишувањето на договорот од страна на Градоначалникот Чадиев, Раководителот на Центарот за развој на ВПР Марко Колев и гостите од Република Полска Томаш Станиславски и Томаш Кулинич беше истакнато дека двата региони во наредниот период интензвино ќе работат на координација, развој и реализација на програмите во рамките на взаемната соработка.