Отворена канцеларија за родова рамноправност
Комисијата за родова рамноправност помеѓу мажите и жените и Советот на Општина Велес денес официјално ја пуштија во употреба отворената канцеларија наменета за поддршка и развој на претприемништвото на локално ниво.
Имено, Комисијата за родова рамноправност aктивно учествува во менторската програма организирана од страна на Македонското женско лоби. Имајќи ја целосната поддршка на Советот и на Градоначалникот на Општина Велес, денес се реализираше еден од предвидените проекти, а тоа е отворањето на канцеларијата во склоп на Граѓанскиот сервис центар, која е основана со цел давање поддршка и неопходни податоци кои ќе придонесат за развој на локалниот бизнис и претприемништво.
Основната намена на оваа канцеларија е да ги дава потребните информации, или да упатува кон соодветната институција. Истата е од големо значење посебно за оние жени кои сакаат да почнат свој бизнис, но не се доволно упатени во правната легислатива.
Отворањето на оваа канцеларија ги означува постојаните напори на Локалната власт за унапредување и подобрување на економската состојба на жената и на локалниот економски развој воопшто, а со цел поттикнување на претприемачкиот дух и развој на бизнис секторот управуван од жени.