Се одигра првиот натпревар во шах на отворен простор

Денес, на плочникот пред Ликовниот салон каде од неодамна се поставија фигурите за шах на отворен простор, свечено беше одигран првиот натпревар. Градоначалникот Славчо Чадиев и љубителите на шах од Велес, на овој начин одигрувајќи го првиот натпревар во шах на отворено, ќе се обидат оваа популарна игра помеѓу велешани, повторно да ја актуелизираат.

 

„Постои иницијатива да се ревитализира повторно некогашниот познат велешки шаховски клуб „Единство“, но за почеток оваа отворена шах табла ќе биде достапна за сите заинтересирани велешани кои ќе сакаат да се рекреираат на овој начин. Ова е само почетната порака дека во Велес повторно ќе има шаховски клуб, а доколку интересот кај граѓаните е голем ќе отвориме и други вакви отворени шаховски простори во различни делови од градот.“ – истакна градоначалникот Чадиев.

Инаку шахот во Велес има долга традиција. Веднаш по ослободувањето на градот, тогашните ентузијасти се залагаат за повторно заживување на шахот и негова афирмација помеѓу граѓаните. Низ времето се истакнале многу велешани кои постигнале значителни успеси при натпреварувањата, а најголем успех постигнува шахистот Оливер Органџиев со мајсторска титула и освоени повеќе првенства. Досега во градот имаат гостувано шаховски великани од редот на светските прваци како што се: Анатолиј Карпов, Михаил Таљ, Јан Тиман и други.