ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СЛАВЧО ЧАДИЕВ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ГРАДОТ СИЛИСТРА ОД РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА
Делегација на Општина Велес, предводена од Градоначалникот Славчо Чадиев викендов престојуваше во работна посета на Силистра од Република Бугарија кој на 14-ти септември, свечено го одбележа Крстовден – Празникот на градот.
Посетата на Силистра, која беше остварена на покана на Градоначалникот на Силистра Јулијан Најденов, беше искористена и за средба со Управителот на регионот Силистра Стојан Бонев, како и со Градоначалникот на збратимениот град Слобозија од Република Романија Александар Стојка.
На средбата тројцата градоначлници утврдија повеќе области за продлабочување на соработката помеѓу Велес-Силистра-Слобозија, како на културен, така и на стопански план, со изработка на заеднички проекти што ќе бидат аплицирани при фондовите на Европската унија.
Истовремено, Градоначалникот Чадиев оствари и неформална средба со Премиерот на Република Бугарија, Георги Близнашки кој и самиот беше гостин на одбележувањето на празникот на градот. И на оваа средба беа отворени повеќе прашања од областа на економијата, културата, образованието и други области во кои може да се промовира искрена и пријателска соработка. Притоа, Премиерот Близнашки ја поздрави добрата соработка помеѓу двата збратимени града и изрази силна поддршка за идната економска соработка во поглед на заедничко аплицирање на проекти поддржани од Европската унија.