Се подготвува Стратегија за локален економски развој

Во организација на Вардарскиот плански регион, Одделението за ЛЕР на Општина Велес и Економскиот институт од Скопје, на 17 септември годинава, во Велес се одржа работилница за подготовка на Стратегија за локален економски развој на Општина Велес. Поздравувајќи ги учесниците, Градоначалникот Славчо Чадиев ја нагласи важноста на овој стратешки документ за развојот на Велес.

 

Тој ги извести присутните дека наскоро германската компанија Маркард ќе го објави огласот за вработување со што ќе започне конкретната реализација на заложбите на Општина Велес за развој на индустриската зона Краслари. „Индустриските зони и привлекувањето на инвестиции остануваат наш приоритет“, рече Чадиев.

Марко Колев, раководител на Центарот за развој на Врдарскиот плански регион информираше дека со поддршка на Центарот преку овој проект ќе се изработат стратегии во сите 9 општини од регионот со што ќе се обезбеди неопходната документација за долгорочен економски развој. Пред присутните работната верзија на документот и резултатите од анализите ги презентираше Проф. Д-р Биљана Ангелова експерт за ЛЕР од Економскиот институт во Скопје кој работи во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Проф. Д-р Ангелова изрази задоволство од учеството на засегнатите страни во подготовката на стратегијата и нагласи дека Велес има потенцијали за локален економски развој кои треба дополнително да се развиваат. Индустриските зони, заштитата на животната средина, комуналната инфраструктура и развојот на туризмот се само дел од приоритетите што ќе се најдат во финалната верзија на Стратегијата.