Работилница за изработка на Програмата за развој на ВПР 2015-2019
Денес од Општина Велес започна процесот на изработка на Програмата за развој на Вардарскиот плански регион 2015-2019 година. Целиот процес кој опфаќа вкупно 6 работилници во општините Велес, Демир Капија, Неготино, Градско и Кавадарци, е во организација на Центарот за развој на ВПР со поддршка на Програмата за локален економски развој ГИЗ РЕД. Проектот ќе биде координиран од страна на Министерството за локална самоуправа а финансиран од страна на ГИЗ/СДЦ и ЕУ.
На првиот дел од првата работилница, присуствуваше и Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа Билјана Цветановска Гугоска, а учествуваа претставници од општините на ВПР, од приватниот и невладиниот сектор од областите транспорт и инфраструктура, земјоделие и рурален развој, економија и инвестиции.
„Очекувам дека со оваа работилница ќе се создаде квалитетен документ кој ќе помогне за поуспешно аплицирање за добивање на средства. Работилниците се во почетна фаза и треба до крајот на годината истите да бидат изгласани од советите па да се предложат за гласање во Владата. Општина Велес може да послужи како позитивен пример за останатите општини и сакам да упатам благодарност до градоначалникот, Чадиев за неговото динамизирање во развојот во вардарскиот плански регион.“ - рече Државниот секретар, Цветановска Гоговска.
Првата работилница за изработка на Програмата за развој на Вардарски плански регион за периодот од 2015 до 2019 година ја отвори Претседателот на Советот за развој на ВПР и Градоначалник на Општина Велес, Славчо Чадиев. Во неговото обраќање тој истакна дека со програмата која претставува основен документ на секој плански регион, ќе се утврдат сопствените регионални приоритети за развој.
„Овој ефикасен начин на работа ќе продолжи и во иднина, барем додека јас сум Претседател на Советот на регионот. Велес ќе продолжи на истиот начин да работи како што работеше во измината година ипол секако со поддршка на Владата и министерството за локална самоуправа се со цел да се остварат зацртаните проекти. Јас мислам дека одиме по исправна насока и ќе продолжиме со истото темпо на работа.“ – истакна Градоначалникот на Општина Велес и Претседател на Советот за развој на ВПР, Славчо Чадиев.
Инаку, Програмата за развој на Вардарскиот плански регион е регионален стратешки документ кој е наменет за институциите, здруженијата и поединците во чија надлежност е планирањето и развојот на политиката за развој на регионот. Таа ќе биде користена од страна на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион како документ кој ги дава основните насоки за развој на регионот, но истовремено ќе биде и документ на чија основа ќе се спроведуваат развојните активности и мерки од страна на приватниот и невладиниот сектор како значајни засегнати страни во процесот.
„Овој статешки проект ни е водилка за понатамошната работа во идните четири години, од утврдените стратешки области ќе испаднат конкретни проекти со кои центарот за развој заедно со градоначалниците и советот ќе аплицира до фондовите за средства до министествата, амбасадите и донаторите во Македонија.“ – рече Раководителот на Центарот за развој на ВПР, Марко Колев.
Денешната и останатите 5 работилници ќе придонесат за изработка на квалитетна Програма, која што ќе послужи во иднина како основа за изработка на проекти од регионално значење, а од нив бенифит ќе целиот Вардарски плански регион.