Велес добива „Урбан Ѕид”

Општина Велес во соработка со Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија денес започна со реализација на проектот „Урбан Ѕид“ кој ќе се реализира во вкупно 25 општини од целата држава. Во реализацијата учествуваат 20-тина ученици од средните општински училишта кои наредниве денови ќе цртаат апстрактна композиција на портокалова основа, со акрилна фасадна боја и спреови. Површината за изведување на проектни активности се наоѓа на спојот на улицата „Благој Ѓорев“ со „Тодор Јанев“ т.е. потпорниот ѕид меѓу двете улици, под Трговскиот центар.

На првиот ден од сликањето на новиот урбан ѕид, присуствуваше и Градоначалникот Славчо Чадиев кој изрази задоволство од досегашниот тек на работа и новиот лик кој оваа површина започна да го добива.

-„Ова го гледаме и како начин да ги насочиме младите својата креативност да ја насочат во позитивна насока, да ги одвратиме од идеите да пишуваат било каде и со било каква содржина. Целта ни е преку графитите и она што ќе го насликаат, а ќе остане подолго време на ѕидовите, да ги искажат своите позитивни мисли, да испратат позитивна порака.” – истакна Градоначалникот Славчо Чадиев.

Инаку Општина Велес е дел од проектот „Урбан Ѕид” поттикнатa од идејата за вклучување на младите кои на овој начин имаат можност да ја искажат својата креативност и истовремено се вклучат во напорите за разубавување на нашиот град.

Локалната самоуправа и Градоначалникот Чадиев уште еднаш изразуваат јавна благодарност на училиштата кои ја прифатија оваа иницијатива и ја преточуваат во дело. Посебна благодарност до четворицата професори по ликовна уметност кои се вклучија во реализацијата на овој проект и ја организира работата со учениците.