Салата „Гемиџии” доби сончев систем за топла вода
Денес во Спортската сала „Гемиџии” беше пуштен во употреба сончевиот систем за добивање на топла санитарна вода. Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот Еколошки Фонд, Програмата за мали грантови. Истиот е спроведен од страна на Здружението на граѓани Велес Фест, во партнерство со Општина Велес и Леов Компани, кои се и кофинансиери со вкупен буџет од 50% од вкупната доделена сума од донаторот.
При денешното официјално пуштање во употреба на системот, Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев изрази благодарност за реализацјата на проектот и додаде дека овој проект беше одлична иницијатива која потекна од Здруженијата на граѓани и Директорот на ЈПССО „Парк Спорт”. За оваа цел, Советот на Општина Велес пред една година ја донесе и Одлуката општината да учествува во проектот „ Еколошка кампања и монтирање на сончев систем за топла санитарна вода на Спортската сала „Гемиџии“ Велес“.
Конкретни цели се: намалување на потрошувачката на електрична енергија и емисија на СО2 во спортската сала „Гемиџии”; градење на капацитети и подигнување на еколошката свест за намалување на штетното влијание на стакленички гасови; промоција на бенефити од користење на енергетско обновливи извори на енергија.
Општина Велес очекува примерот на ова здружение да го следат и останатите Здруженија на граѓани, а локалната самоуправа е тука да ја препознае и да ја поддржи секоја добра идеја.