ОПШТИНА ВЕЛЕС СО ПОЗИТИВНИ ИСКУСТВА ОД СЕРТИФИКАЦИЈАТА ЗА ПОВОЛНО ДЕЛОВНО ОПКРУЖУВАЊЕ. БОГДАНЦИ, ГАЗИ БАБА, ПРИЛЕП И ГРАДОТ СКОПЈЕ СЕ НОВИТЕ ЧЕТИРИ ЕДНИЦИ НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ВАКВО ПРИЗНАНИЕ
Богданци, Гази Баба, Прилеп и градот Скопје се новите четири единици на локална власт во земјава кои потпишаа договори, со што официјално ќе започнат со процесот на сертифицирање за стекнување на регионален печат на локални власти со поволно деловно опкружување (БФЦ СЕЕ).
Настанот беше организиран во рамките на одржувањето на втората Национална конференција „Сертификација на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа”, што ја организираа Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) кои го сочинуваат Националното сертификационо тело за БФЦ СЕЕ Програмата.
Општина Велес е една од двете општини кои минатата година за прв пат во Република Македонија, успешно ги исполнија сите критериуми и се здобија со Сертификат за деловно опкружување во Југоисточна Европа.
Стекнувањето со ваков сертификат, во период кога привлекувањето на инвестиции и развивањето на локалната економија претставува приоритет на секоја општина во земјава и во регионот, навистина претставува предизвик.
Сертификатот е потврда дека локалната самопуправа исполнила одредени стандарди, обезбедила имиџ на сериозна бизнис дестинација и дава сигурност на потенцијалните инвеститори во добивањето на квалитетни услуги, информации и поддршка при развивањето на нивниот бизнис.
На конференцијата учествуваше и претседателот на Советот на Oпштина Велес, Александар Колев кој говореше за придобивките добиени од сертификатот.
-,,Сертификацијата е еден долгорочен процес, а добивањето на сертификатот е само почеток. Тоа значи дека веќе стекнат сертификат бара континуирано надградување на постигнатото ниво на услуги што ги дава општинската администрацијата на полето на обезбедување на развој на локалната економија. Првата фаза се подготовките и самоевалуација на општината со што располага и кои се нејзините слабости, а следната фаза е нивно надминување и континуирано надградување. Процедурата за стекнување со сертификат отвори нови прашања, на кои претходно не сме им посветувале поголемо внимание. Изградивме вистинско ЛЕР одделение, го зајакнавме партнерскиот однос кон постојните стопанственици, обезбедивме поквалитетни промотивни материјали за Општина Велес како бизнис дестинација, го подобривме квалитетот на нашата веб страница, отворивме Центар за поддршка на инвеститорите, започнавме поинтензивни процедури за донесување на ДУП-ови и обезбедување на индустриска зона, обезбедивме поволен кредитен рејтинг.” - истакна Колев.
Тој посочи дека сето тоа, заедно со стекнатиот сертификат и обезбеди на општината Велес поголема заинтересираност на инвеститорите на општината, меѓу кои е обезбедувањето на признание од магазинот „Financial times”, каде помеѓу стотици пристигнати апликации од регионот на Европа, СДИ ја избра Општина Велес меѓу 10-те врвни микроевропски градови како дестинации за инвестиции во категоријата ефикасност на трошоци за 2014 и 2015 година. Исто така, потврда за значењето на сертификатот е и неодамнешната официјална најава на германската фирма „Маркард” за започнување на инвестициите во индустриската зона Караслари, со што ќе се обезбеди вработување на голем број на граѓани.
На конференцијата присуствуваа и претставници од домашната бизнис заедница, кои ги изнесоа нивните искуства од соработката со локалната власт. Од Општина Велес задоволство искажаа бизнисменот Сотир Ампов, сопственик на „Дидо Груп” и Бојана Димовска, директор на „Ронтис”. Тие истакнаа дека соработката со локалната власт е на високо ниво, при што посочија дека општината прави континуирани напори и во поддршка на бизнис заедницата со адекватни и обучени кадри, какви што им се потребни на стопанствениците. При тоа посочија дека и самите фирми обезбедуваат континуирана доедукација на кадрите со цел обезбедување на квалитетни производи кои им конкурираат и на други светски компании.
Програмата за сертификација за поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (Business Friendly Certification South East Europe (BFC SEE) е единствена регионална програма за унапредување на конкурентноста на локалните самоуправи која се спроведува во Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина и Србија. Проектот е поддржан од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Подобрување на општински услуги при Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), финансиран од Германското сојузно министерство за соработка и развој.