Кампања „Антибиотиците не се храна за да ја одбираш без лекар”

Денес од Општина Велес започна реализацијата на „Кампањата за рационална употреба на антибиотици и превенција за антимикробна резистенција” чие мото е „Антибиотиците не се храна за да ја одбираш без лекар. Секоја непотребна примена ја намалува нивната ефикасност“.

 

Стручниот состанок го отворија д-р Јованка Костовска од Министерство за здравство и д-р Александар Колев, Претседател на Советот на Општина Велес, а свои излагања имаа и д-р Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција, проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет, м-р Кристина Христова од ФЗОМ и други.

-„Правилната и рационална употреба на антибиотиците е нешто за кое вреди да се зборува. Тоа им го оставам на предавачите, a jac како здравствен работник, како лекар и граѓанин можам само да искажам задоволство од идејата за оваа тема да се зборува гласно меѓу нас, да се разменат искуства, да се разрешат дилеми, да се слушне уште нешто што некогаш останало недоречено.” – рече во своето обраќање Претседателот на Советот, Александар Колев.

Со овие семинари е предвидена едукација на здравствените работници но и на населението на локално ниво и превенција на нерационалната употреба на антимикробните средства и намалување на ризикот од антибиотска резистенција (АМР).

-„Во колку несоодветно се применуваат, се развиваат механизми на адаптација кај бактериите коишто доведуваат до отпорност кон применетите антибиотици. Тоа значи дека, доколку би имале инфекција со мултирезистентен микроорганизам и предизвика сериозна инфекција, може да не постои лек кој што ќе делува на нашата инфекција.” – истакна д-р Бошевска.

Непотребното и зголемено употребување на антибиотиците ја намалува нивната моќ да делуваат тогаш кога се потребни. Тоа ќе доведе до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотикот. Резистенцијата е нормален механизам на заштита на бактериите од дејството на антибиотикот. Со текот на времето, резистенцијата се зголемува, а тоа значи намалување на бројот на ефикасни антибиотици.

-„Кампањата повеќе ќе биде фокусирана на болниците затоа што кај матичните доктори имаме големи успеси. Беше страшно пред десет години, секој што влегол во амбуланта примил антибиотик, но сега не е така. Според истражувањата, големата потрошувачка на антибиотици дава резултати дека имаме доста отпорни бактерии, особено во болниците, некаде сме меѓу првите земји, заедно со соседите.“ - рече Професорот по микробиологија Пановски.

Кампањата за рационална употреба на антибиотици и превенција на антимикробна резистенција ја спроведува Мултисекторската комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицински факултет, Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), здружението Центар за регионални истражувања и соработка ”Студиорум”, со средства од Светската здравствена организација и Владата на Кралството Белгија.

Покрај во Велес, кампањата ќе се одвива преку едукативни семинари и во повеќе градови: Охрид (09.10.), Прилеп (16.10.) Битола (17.10.), Тетово (22.10), Штип (30.10.), Куманово (06.11), Скопје (14.11.), Кочани (20.11.), и Струмица (27.11.).