На повидок решавање на проблемите со нелегалните такси превозници
На средбата на која присуствуваше и општинскиот инспектор за патен сообраќај и патишта, такси превозниците реагираа на нелојалната конкуренција и напластените проблеми поради одолговлекувањето на постапката за фискализација на возилата што сеуште ги става во статус-кво ситуација и ги оневозможува да добијат лиценца. Тие побараа и поголема ажурност на надлежните инспекциски органи и Секторот за внатрешни работи. Во контекст на конкретните мерки за решавање на проблемите со нелојалната конкуренција, Коцевски ги информираше такси превозниците дека согласно новата законска регулатива, Советот на општината на наредната седница ќе усвои измени на постојната Одлука за автотакси превоз на патници со кои ќе се ограничи бројот на такси превозниците на подрачјето на општината. Со цел да се координираат активностите на сите надлежни органи во текот на наредната недела во Општина Велес ќе биде организирана работна средба на која ќе бидат поканети и надлежните од Управата за јавни приходи, пазарната, трудовата инспекција и Секторот за внатрешни работи.