Нека е честит и вековит Денот на Општината 9-ти Ноември

Почитувани сограѓани,

Денес се навршуваат 70 години од ослободувањето на Велес. 70 години гордо и слободно ја раскажуваме историјата за трговците, Гемиџиите, за Вардар и мостовите, за Дамјанов и неговата тајфа. 70 години гласно ги пееме песните за војводите, за Алабакот, Докурчев и Офицерчето, за Миле Поп Јорданов и Петар Поп Арсов. 70 години пишуваме, учиме и градиме училишта по примерот на Џинот на свој македонски јазик и ги славиме Жинзифов, Рацин и Неделковски, народниуот учител Панко Брашнар.

Тоа се придобивките на слободата. Она што е создадено и изградено, направено после жртвата на сите велешки бесмртни дејци, после 1944-тата е наше дело создадено во слобода. Од името на сите граѓани на Општина Велес им благодарам за слободата.

Не беа ни лесни ни едноставни последните 70 години од историјата на Велес. Се градеше инфраструктура, се уредуваше општествениот поредок, се создаваше основа врз која од 8-ми септември 1991-ва година започна новата историја на самостојна независна, суверена Македонија.

Денес и во иднина, ние, остануваме со љубовта кон својот град и Република Македонија, да го чуваме суверенитетот и независноста, името и делото, културата и традицијата и со иста енергија да го пренесеме на нашите наследници – идните генерации велешани.

Нека е честит и вековит Денот на Општината 9-ти Ноември.
Под закрилата на нашиот патрон и заштитник Св. вмч. Пантелејмон нека живее вечно нашиот Велес. Младоста на нашите деца нека го храни, а наша мудроста нека го брани.
Ние велешани го сакаме својот роден град, ја сакаме Македонија.
Нека е за многу години!
Да живее Велес, да живее Република Македонија!

Со почит,
Славчо Чадиев, Градоначалник на Општина Велес